Пазарат ли кумановци електронски?
Во развиените земји се поприсутно е купувањето по Интернет. За помладите електронското купување е многу практично, а постарите се плашат од злоупотреби и попрво би платиле во готово.
Ги прашавме нашите сограѓани какво искуство имаат тие на тоа поле.
Весна Тодоровска, продавачка
Електронското купување и плаќање не ми е сигурно. Јас си купувам и плаќам во готово. Важно ми е да го видам производот. Имаме роднини кои работат во Авганистан и тие знам дека порачуваа патики и јакни на интернет. Колку се задоволни од услугата не знам. И сметки може да се плаќаат електронски, но јас сеуште си плаќам како и повеќето граѓани во готово.
Викторија Ѓорѓиевска, студент
Имам доверба во интернет плаќањето. Имам нарачано соковник еден за нас, еден за баба ми на страната на Топшоп. Мои другари купуваат на интернет справи за вежбање. Производот кој го купувам електронски сакам да биде со добар квалитет. Кај нас електронското пазарување луѓето допрва треба да го прифатат.
Ива Младеновска, вработена во Црвен Крст
Пазарувам на попуст на македонски сајтови како колектив, групер. Си купив пакет за масажа кој го најдов за многу поволна цена. Билети за во кино имам порачувано и се двојно поевтини. Може да се нарача вечера, си има цена и мени. Авионски билети сум резервирала на шпански сајт, јас ова го практикувам веќе пет години. Досега сум немала проблеми, моите пари отишле на вистинското место. Сепак има луѓе кои се плашат со картичка да плаќаат на интернет.
Миле Анѓеловски, контролор во “Југ - турист“
Јас не користам компјутер, ниту сум запознаен како тоа функционира. Ако треба да бирам дали да платам во готово или на интернет, секако дека е подобро да се плати од дома, без да одите на аеродроми, на автобуска, да губите време и да се малтретирате. До манипулација не би требало да дојде, па ние како ќе одиме во Европа? Таму тоа си функционира нормално.