Мени

Пазарџиите ги зголемија цените пред Духови

21.06.2013 09:53 | KumanovoNews

 Дел од трговците деновиве ги зголемија цените на овошјето и зеленчукот во пресрет на православниот празник Духовден.

Пазарџиите ги зголемија цените пред Духови

Денеска, цената на црешите зависно од квалитетот се движи од 50 денари, па нагоре, вишните се продаваат за 40 до 50 денари килограм, а доматите се од 20 до 40 денари.

Ние овдека на пазарот имаме трговци “златари“ да ги кажам. Тоа се сопственици на две-три тезги кои сами одлучуваат кога ќе ги зголемат цените. Тоа си има негативни последици, бегаат муштериите. Цената ја диктираат и препродавачите кои купуваат од Кванташки пазар од Скопје на големо. Тие знаат дека ни се ближи празник и ги качуваат цените - вели трговец на пазарот на „Октомвриска револуција„.

Купувачите без разлика на цените, мораат да купат овошје и зеленчук за во недела наутро, кога се оди на гробишта и се раздава за душата на покојните.

Купувам цреши, вишни, домати, краставици, она што може да се раздаде, нешто поситно. Трговците по нивно си одредуваат цени. Јас ќе купам од се по малку - рече Васка Ѓорѓевиќ.

Духовден најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.Овој празник трае три дена, а првиот ден секогаш е во недела.

Празникот е поврзан со многу адети и обичаи кои се разликуваат, но суштината е иста. Обично народот купува дарови, храна, оди на гробовите на умрените и раздаваат за душа на покојните.