Пчелите слабо се ројат заради сушата
Сушата негативно се одрази на пчелните семејства, кои годинава многу малку се ројат за разлика од претходните години.
Временските услови не ни беа наклонети. Есента беше сушна и затоа пчелите многу малку се ројат. Доколку тие не се ројат по природен пат, ние тоа го правиме по вештачки пат. Се земаат млади и стари пчели, поленарки, се одвојуваат со матица и настанува ново пчелно семејство или нуклеус како што го нарекуваме. За една година тоа може да прерасне во силно семејство. Од едно пчелно семејство може да се формираат повеќе нови, но треба да се води сметка роевите да не ослабнат - вели Бранко Тасевски, претседател на Здружение на пчелари “Пчела“.
Тој објаснува дека за обнова на пчелните семејства потребно е пчелите да соберат доволно полен и нектар, а оваа пролет пчеларите забележале угинување и намалување на бројот на пчелите.