Петрушевски: Во ЈП “Чистота и зеленило“ нема ни “ш“ од штрајк
Директорот на ЈП“Чистота и зеленило“, Сашо Петрушевски денеска ги демантираше обвинувањата на ВМРО - ДПМНЕ, дека работниците од оператива не собираат смет заради неисплатени плати.
Петрушевски рече дека денеска камионите не се во дворот, сите работници се излезени на терен и не станува збор за никаков штрајк. Тој објасни дека платата за јануари работниците ќе ја добијат за неколку дена.
Јануарската плата ќе се исплати до крајот на месецот. Платите се исплаќаат редовно на вработените со тоа што јас вчера цел ден бев на своето работно место. Тука е претседателот на синдикат, никакви најави, ни “ш“ од штрајк нема, никакви наводи за наводно организирање на вработените со неисполнување на работните обврски. Не случајно го правиме пресот од ова место, бидејќи од тука поаѓаат камионите и од тука се изнесува сметот. Сите вработени се на своите работни места и работните задачи ги извршуваат редовно.Имам неколку прашања до г-дин Мирослав Стојановски, кандидат на советничка листа на ВМРО - ДПМНЕ со број 10. Дали според сите законски правила и прописи, штрајкот го организира синдикатот, претседателот на синдикат заедно со извршниот одбор? Дали тој го организира штрајкот, и дали тој го најави штрајкот. Дали тој вчера ме барал на работно место каде што јас бев и од каде знае дека не сум бил на работно место? Нека одговори на кумановската јавност за која неисплатена плата зборува - изјави Петрушевски.
Тој рече дека Стојановски намерно шири дезинформации, а граѓаните тоа ќе го препознаат.
Би сакал да не се злоупотребуваат правата на работниците и да не се користат во политички цели. Јас како претседател на синдикат немам никаков штрајк, нити организирано, ниту најава затоа што нема основа за такво нешто. Вчера тоа што беше состанок на синдикален одбор, како претседател на синдикат го имам тоа право и треба да разговараме на таа тема. За платата има уште услови за да се даде до крај на месецот, се друго ќе се остави на синдикат, ние да си ги решаваме нашите проблеми - вели Оливер Трајковски, претседател на синдикат во ЈП“Чистота и зеленило“.
Од ЈП “Чистота и зеленило“ потврдија дека последните три години работат рентабилно, а во оператива имаат ангажирано 200 работници. За социјално загрозените граѓани е дадена можност на рати да ги исплаќаат заостанатите сметки за ѓубрарина, што дава ефект и должниците склучуваат договори за плаќање на ваков начин.