Писмо до надлежните: Електронскиот дневник – премрежието на наставникот
Претпоставувам, поточно, сигурна сум дека не сум единствениот наставник кој како на надлежни Ви се обраќа деновиве по истиот основ, но сепак - си помислив дека можеби и не знаете каква е состојбата “на терен” со е-дневникот и на какви потешкотии наидуваме сите ние почнувајќи уште од првиот ден на завршувањето на учебната година, 10-ти јуни.
Здравата логика ми говори дека мора да НЕ ЗНАЕТЕ, штом и покрај се, ништо не се менува на подобро. Во спротивно, би морала да прифатам дека упорното несанирање на еклатантната неодржливост на системот од Ваша страна се сведува на тотално игнорирање на апелите на изморените, дефокусирани и притиснати наставници кои веќе со денови бдеат пред монитор и не можат да си ја завршат работата, како и на безмилосно инсистирање на дадените рокови за внес на податоците и покрај тоа што тоа едноставно не е можно. Тоа веќе има друго име, во кое сепак, и јас и сите колеги кои се во ваква очајна состојба деновиве не би сакале да поверуваме, иако реалните состојби одат токму во тој правец – исцрпување до крајни граници, тренинг за нервите и тотално изместен хоризонт за тоа што сме во состојба да направиме, а што не. До ниво на мобинг.

Ќе речам вака: и покрај упорните инсистирања од Ваша страна е-дневникот да се прикаже како современа алатка која се имплементира веќе некоја година со невиден успех, тоа едноставно не е така. Ќе се обидам да ги наредам фактите, затоа што се несоборливи и имаат сила на аргумент кој со својата тежина се спротивставува на било кој аргумент на сила, сепак. Чесно е кон просветарската фела да ги погледнете и веќе еднаш да ги земете предвид, затоа што сум сигурна дека сте свесни за фактот која и каква сфера менаџирате: онаа во која било какви импровизации, недоречености, грешки и недоволно осмислени и неподготвени за реализација зафати се недозволиви и не смеат да се толерираат. Уште помалку, да се имплементираат како квази реформски решенија кои не се во состојба да го испорачаат очекуваниот резултат, бидејќи им недостасува сериозен пристап кога се во зародиш како идеја и кога се во фазите на имплементирање како проект кој ќе се смета за заокружен. Значи, ќе изнесам само неколку аспекти кои илустрираат какви се состојбите:

1. Системот во старт има проблем заради некоординираниоста на институциите задолжени за почетните активности. Имено, откако е-дневникот е имплементиран, евидентен е проблемот со доцнењето на префрлувањето на наставните програми од страна на надлежните институции во ЕМИС базата, што е императив за секој администратор кој од тука треба да тргне и да работи на префрлување на предметите по наставници, нивно поврзување со соодветните струки и профили, класови и ученици. Бидејќи сум училишен администратор од како е-дневникот е воведен, најдобро знам каква е состојбата на почетокот на годината. Како резултат на некоординација на институциите, префрлувањето на програмите досега не се случило на време и постојано сме соочени со макотрпна работа со префикс “3 дена” и покрај огромната обемност на истата. Најчесто, префрлувањето се случува некаде кон крајот на октомври и админот добие многу кусо време за завршување на целата работа - само оној наставник кој е ангажиран како администатор знае колку е тоа. Верувам дека знаете и Вие. Само што не го земате предвид тој факт – не Ви е гајле, да речам. Недефинираноста на статусот ЕМИС и ХРМ администратор пак е посебно прашање. Со оглед на опфатноста и комплекноста на обврските, тоа би требало да биде посебно работно место, наместо да се ангажира наставник со полн фонд на часови, кој има свои обрски и како наставник и на кој секојдневната настава треба да му биде приоритет. Да не напомнувам дека се работи за исклучително напорна работа со која администраторот е окупиран целата година, заради промените кои се случуваат и тековното ажурирање на системот. Без апсолутно никаков надомест, се разбира. Максимално ангажиран, се отепува од работа и прв е на удар пред надлежните кои очекуваат невозможното да се заврши. И се завршува. Без поговор.
2. Системот постојано пројавува потешкотии во текот на работата. Со оглед на бројот на корисниците кои истовремено му пристапуваат и фактот дека системот очигледно не е оспособен за тоа, крахирањата се разбирливи. Еве ги ефектите:

**Она што ми се чини базично по важност во целава приказна: што може да направи армијата исфрустрирани наставници кои под притисок на невозможните рокови постојано прави напор да влезе во системот и да заврши работа, станува повеќе од јасно – целосна блокада на еден ранлив и неподготвен систем кој не може да издржи таков атак и едноставно паѓа. Безуспешните обиди се сведуваат на бдеења по цели ноќи, меѓусебни оптужби дека ете, се нема меѓусебно разбирање за маките на сите нас и можам по овој основ да кажам вака: ако целта беше разединување на масата интелектуалци кои се ставени во состојба да се борат само за себе, во страв од санкции и притоа да се фаќаат за гуша во меѓусебните препукувања, се успеа во тоа. Што би кажала една колешка, која потполно ја разбирам, но не ја оправдувам:”Ај ве молам да се тргнат сите колеги кои на време не си внеле оценки, за да можеме сега ние да си внесеме.” Ете. Едните се вредни, другите за никаде и им пречат на првите. “Како јас внесов, а ти не успеваш? Сам/а си виновен/на. Јас како немав проблеми?” Не знам како. Ама не оди така лесно, едноставно. А и кога е тоа “на време?” За сите важи правилото дека оценките не се внесуваат додека не поминат класните совети, каде тие ќе бидат потврдени. Предвреме не смее да се внесува и точка.
**Техничките потешкотии се бројни и незамисливи во својата апсурдност: Пред се, немање на интернет по училиштата. Минимум еднодневно чекање за синхронизација на промените во ЕМИС и нивната видливост во е-дневникот. Неможност за логирање. Повеќечасовно бдеење пред монитор во обид за најава. Логирањето во системот пак, се уште не значи дека работата ќе биде завршена како што треба. Многу чекање за внес на една оценка. Апсолутно изместување на внесените податоци, кои предизвикуваат необјасниви промени на оценките и по другите графи каде се заведени оценки по другите предмети. Многу чекање додека вчитувањето биде завршено. Констатирање дека и покрај уредното внесување на оценки, тие не се појавуваат. Повторно внесување. Појавување на сите оценки за некое време. Бришење. Повторно чекање. Непојавување на внесените полугодишни оценки кај голем број од колегите, и тоа само за поедини ученици, а без нив не можат да ги заведат годишните. Потешкотии при заведување на часовите. Немање на простор за запишување на 8-ми час. Безбројни мејл пораки на кои нема одговор, или пак истиот стаса со недели задоцнување во штура варијанта “се работи на случајот” или “вашите забелешки се земени предвид.” Во мејлот, ете, тимот за корисничка поддршка ни се заблагодарува на соработката и не повикува да пишеме ако имаме забелешки или предлози за унапредување и подобрување на системот. Имаме, почитувани. Имаме и забелешки и предлози. Веќе со години. Што со нив?
3. Недоволната комуникација меѓу хиерархиските нивоа доведува до конфузија на надлежностите. Имено, многу често нашите обраќања до надлежните резултираат со одговор од типот “ние не сме за тоа или не сме запознаени дека тоа ви е дадено како обврска.” Еден од низата вакви примери е контактот на една колешка со лицето кое треба да биде консултирано пред да бидат пуштени по училиштата дописите за блокирање на опциите за внес на податоците во е-дневникот (се изјаснил дека тој воопшто и не знае дека вакви дописи се пратени по училиштата).
4. Последниот, но не помалку важниот сегмент кој заслужува да биде опфатен овде е прашањето на санкции доколку наставниците не ја завршат ЗАКОНСКАТА обврска поврзана со е-дневникот. Сигурна сум дека ниту еден наставник не одбива да ја работи својата работа и ја прифаќа како дел од тековните обрски, без оглед на мислењето кое го има по тој основ. Во воспитно-образовната сфера сепак се ангажирани професионалци, знаете. Луѓе кои ја сакаат својата работа. Луѓе кои многу често ги занемаруваат и сопствените деца и семејството, за да стасаат да завршат се што треба. И завршуваат, по секоја цена. Благо кажано, апсолутно е некоректно да летаат закани за наше санкционирање, ако нашата работа зависи од тоа колку Вие сте ја завршиле Вашата. Како што се уверуваме со години, не ја завршувате. Кое е Вашето алиби за заканите? Тоа што сте наши претпоставени? Со сета почит, но Вашата позиција не Ви дава право да не сведете на слепи извршители на обврска која едноставно, не можеме да ја завршиме. Не затоа што не сакаме. НЕ МОЖЕМЕ бидејќи се надоврзуваме на она што е ВАША задача – систем оспособен на време, целосно проверен и истестриран во својата одржливост, комплетно подготвен за работа низ целата година, а особено на крајот на годината. Никако не негово “надградување” на 10-ти јуни, во време кога на наставниците им давате рокови за внес, а не им овозможувате ниту пристап до системот, а камоли непречена работа во него.

Сметам дека сите ние како наставници, апсолутно посветени на својата работа во ниту еден момент не занемаруваме ниту еден нејзин сегмент. Постојано апелираме да се земат предвид нашите реални и објективни потешкотии, кои немат врска со нашата неодговорност, на која за жал, многу често се повикувате, во обид да создадете алиби за своите пропусти. Подготвени сме да работиме. Овозможете ни го тоа.
Прилог: дел од фото галеријата – електронскиот дневник во период од 9 - ти јуни до 13 - јуни.



Елизабета Секирарска, професор во СОУ „Перо Наков“.