Пишувач на авганистанско сиви, нова професија
Некои наши сограѓани се мошне иновативни па си создале занаети по кои станале единствени за да дојдат до денар повеќе.
Имајќи ја предвид заинтересираноста на Кумановци за доброплатените ангажмани во базите во Ирак и во Авганистан, Иван од Куманово веќе неколку години изработува животни биографии на македонските „Авганистанци“. За 1.500 денари од кратка биографија, како што посочил во огласот што го објавил на интернет-порталите за мали огласи, тој ветува солидно изработено сиви, по урнек и критериуми на странските компании што нудат работа во овие ризични подрачја.
Ако не заврне, ќе капне. Некои од кандидатите за Ирак и за Авганистан одат кај Иван зашто самите не ни знаат што е тоа кратка биографија. Други, пак, поради тоа што тој веќе и самиот ја поминал таа постапка, а веќе со години пишува биографии на кандидати, сметаат дека половина од работата им е средена - велат кумановци што се запознати со работата на Иван, пренесува весникот Нова Македонија.