Плетењето волнени чорапи со долга традиција
Во денешно време волнените чорапи се среќаваат во модицирана форма, но во минатото било предизвик за женските деца кои учеле да плетат.
Во кумановските села се среќаваат околу седумдесет различни видови на волнени чорапи кои со децении се прибирани и се чуваат во депото на Музеј Куманово. Тие се дел од многу поставки и се непресушен извор на инспирација за сликарите, графичките дизајнери и изработувачите на таписерии. Чорапи се собирани од Козјачија - Шопл'к, Средорек - Пољани, Карадак, Овчеполие - Которл'к, каде се доминантни Македонците, а во помал број има Власи, Срби, Албанци, Роми и Турци.
Во кумановските села во орнаментирањето главно се застапени следните мотиви: кола, ѕвездици, кукли, куќи, кршчиња, гранки, дуга, нокти, катанци, листови, петлиња и друго. Од колоритот и од орнаментот на чорапите зависела нивната намена по возраст(за девојки, млади невести и за повозрасни), како и за приликите во кои биле носени (секојдневни или празнични). Женските чорапи се покуси од мачките што е условено од должината на женската кошула. Вистината на грлото достигнува од 18 до 22 цм, со долги волнени врвци за заврзување. Орнаментиката кај женските чорапи е најчесто геометриска, од обични линеарни мотиви до посложени геометриски форми. Самите шарки се посити, со што на орнаментиката и придаваат и мозаичен карактер - вели Валентина Илиевска, етнолог во НУ Музеј Куманово.
По 40 - те години на 20 век, чорапите се плетеле со црна волна, без шари и биле наменети за носење при вршење на земјоделски работи. Овие чорапи служеле како заштита од гребнатинки, од убоди од инсекти и повреди при работење. Според народното верување било срамота да се види жена со гола нога и изработката на чорапи била многу важна за женскиот пол. Плетењето е дел од традиционалната култура и неопходна женска рачна работа во тоа време.
Секоја девојка требало да знае да плете, и секоја се стремела да исплете што поголем број чорапи, како за свои потреби така и за потребите на поширокото семејство и за чеиз. Затоа девојчињата се заучувале да плетат уште од најрана возраст, од 8 до 9 години. Сите овие моменти, девојчињата длабоко ги доживувале и нивното учење на плетење не случајно започнувало на таа возраст, бидејќи тоа е најдобарата возраст како за учење на буквите, така и за учење на плетењето и везењето. Овој период е посебна етапа од животот на женското дете, бидејќи претставувал еден вид социјализација и вклучување во кругот на возрасните. Преку оваа активност проследена со интерес и желба, девојчињата ја развивале својата психичка моќ и способности. Преку неа се потврдувале како корисни членови на семејството, а во иднина и како добри домаќинки и мајки. Оние девојчиња кои не покажувале интерес, не се труделе брзо да научат да плетат или воопшто не научиле, биле изложени на потсмев и непријатни ситуации - објаснува Илиевска.
Девојчињата кои се заучувале да плетат гледале тоа да биде на полна месечина за работата да биде полна. Со плетење се почнувало во понеделник, среда и четврток, а вторник се сметал за лош ден, сабота за мрачен ден. Не се плетело во петок и недела бидејќи се празнични денови. Првата плетка се фрлала во река, во бразда вода или на воденица за да му оди плетењето на детето. Се плетело од рано наутро се до вечерните часови.