Помор на риби во Кумановка
Помор на риби во реката Кумановка забележале утринава жителите на населбата Бедиње кај Режановски мост.
Се претпоставува дека угинувањето на рибата го предизвикала вода која ја испуштила фирма за преработка на варовник. Во недела локалното население забележало дека водата била со бела боја по што го известиле Спортско риболовно друштво “Пчиња“.
Известени се Републички инспекторат за животна средина, инспектор од Министерство за шумарство и водостопанство, јавноста, медиумите. Очекуваме дека овојпат ќе имаме резултати и дека сторителот на ова дело ќе биде пронајден. Претпоставуваме дека поморот се случил за време на викендот и рибите кои ги земавме како примерок беа во фаза на распаѓање - вели Бранислав Димовски, претседател на “Пчиња“.
Истовремено се земени примероци од водата и тие се предадени за анализа во Центарот за јавно здравје по што ќе се утврди причината за поморот.
Направен е записник на лице место и во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на здружението “Пчиња“ бидејќи тие се наши очи и уши на терен и навистина соработуваме извонредно - рече Бобан Бојковски, инспектор за животна средина во Општина Куманово.
Риболовците од “Пчиња“ пред 4 месеци овој дел од Кумановка го порибија со автохтона македонска пастрмка. Ова не е прва еколошка катастрофа во реката, но доедга сторителите не се казнети.