Поплавени повеќе кумановски села и населби
По oбилните дождови што паднаа вчера попладне и ноќеска, повеќе кумановски села села и населби се поплавени.
Од своите корита се излеале реките Пчиња, Крива Река, Кумановка, Којнарка, Слупчанка и Матејачка река.
Во селото Пчиња се поплавени шест куќи и постои опасност од рушење на мостот ако итно не се преземат мерки. Во делот каде што се слева Крива Река во Пчиња, излевање има во селата Клечовце, Јачинце, Довезенце, Бељаковце. Во Довезенце се поплавени две куќи, а сопствениците се отсечени и бараат помош. Во Бељаковце има зафатени куќи, автомобили и трактор.Нивото на водата е над пругата. Во Зубовце водата е дојдена до патот, и зафатени се Зубовце, Шупли Камен, Доборшане се до Бислим. Во Средорек се поплавени 60 куќи, а нивото на реката е 2 метри - велат од Центарот за управување со кризи.
Излевање има на река Којнарка во Долно Којнаре и на улица “Никола Тесла“. Во Старо Нагоричане поплавени се Пелинце, Драгоманце, Коинце, Војник. Постои опасност да се сруши мостот во Коинце, а земјиштето е поплавено. Во селата Опае и Лопате има поплави од Слупчанка и Матејачка река чија висина е 1 метар.
Механизација работи на расчистување на речното корито на Кумановка, објаснуваат од Центарот за управување со кризи. Одрони има на патот кон Кратово кај Туралево и Татомир и тие наскоро ќе бидат отстранети.
Во последниве 24 часа се наврнати 40 литри дожд на метар квадратен.