Поплави во кумановско
Обилните врнежи што вчера го зафатија кумановскиот регион, предизвика излевање на реките Пчиња, Крива река , Липковка и Гурубинка.
Во Кумановско се изела реката Гурубинка кај селото Речица, според информациите од ЦУК, поплавени се обработливи површини.
“Во селото Довезенце излеана е Крива Река при што се поплавени неколку куќи, штали и обработлива земјоделска површина. Во селото Добрашане на регионалниот пат Куманово-Свети Николе-Штип, дојде до појава на свлечиште од камен, песок и чакал во должина од 100 метри. Дел од патот е прооден и се работи на негово расчистување. Исто така, во селото Добрашане има излевање на река Кумановка на мал дел обработливо земјиште. Во селото Шупли Камен има излевање на Пчиња, при што поплавено е обработливо земјиште“, соопштуваат од ЦУК од кумановскиот регион.
Пчиња се излеа од своето корито и кај селото Пелинце при што поплавени се ниви и ресторанот кај меморијалниот центар АСНОМ. Од ЦУК тврдат дека Музејскиот комплекс не е во опасност од поплава.
“Мостовите кај Драгоманце и Коинце се стабилни и нема наноси, додека пак мостот во Враготурци е во опасност од уривање поради наноси на дрвја кои формираат брана. Преземени се мерки за отстранување на наносите на мостот. Во селото Опае, општина Липково, излеани се реките Слупчанка и Липковка и имаат поплавено обработливи површини“, информираат од ЦУК.