“Порака наша“ обучува ментори и лица со попреченост
Здружението “Порака наша“ организираше обука за ментори од приватни фирми и државни институции за да им укаже како да ги искористат потенцијалите на лицата со интелектуалната попреченост на работното место.
Ова ни беше втора по ред обука за ментори. Имаше ментори од Куманово, Кратово, Старо Нагоричане, бидејќи ние го покриваме целиот североисточен регион. На обуката присуствуваа 18 ментори и нив ги советувавме како да имаат правилен пристап со овие лица, како да го прилагодат работното место за нив, да ги искористат бенефициите кои државата ги нуди за вработување на лица со попреченост - вели Благица Димитровска, претседател на “Порака наша“.
Следната недела “Порака наша“ ќе направи обука за лицата со интелектуална попреченост на која тие ќе учат како се пишува кратка биографија, мотивационо писмо, како да се однесуваат на интервју и слично. Планирано е за две години да се обучат двеста лица со попреченост.
Идната година овие лица ќе се обучуваат за процесот на самовработување.
Проектот во партнерство го работат “Порака наша“ од Куманово, “Хендикеп“ од Тетово и “Моја кариера“ од Скопје.