Мени

Поранешни ученици подарија биста на Карпош во Младо Нагоричане

22.11.2011 12:06 | KumanovoNews

Основното училиште Христијан Тодоровски Карпош во селото Младо Нагоричене, доби биста на народниот херој чие име го носи. Споменикот е подарок од генерацијата 1960/61 година, коja таа година завршила осмо одделение.

Поранешни ученици подарија биста на Карпош во Младо Нагоричане

Иницијативата за подигање на споменикот ја покренале пред 4 години на 48-годишнината од прославата на пола матура, а ја реализираа деновиве по повод празникот на Општината Старо Нагоричане.

Кога се собравме по толку години видовме дека нашето училиште напредувала во секој поглед во однос на времето кога ние одевме во училиште, а му недостасуваше само биста на Карпош. На класниот час јас предложив да му се одолжиме на училиштето на еден посебен начин и да му подариме споменик.  Сите со задоволство ја прифатија идејата и се договоривме да собереме дел од парите, а останатиот дел да го побараме од донатори, успешни бизнисмени од нашето и соседните села, кои исто така учеле овде. Наидовме на разбирање и кај градоначалникот на Општината, така што без проблеми ја реализиравме нашата замисла - вели Славе Стефановски претседател на иницијативниот одбор.

Изградбата и поставување на споменикот чини 3,5 илјади евра. Откривањето на биста беше на 11 Ноември, Денот на ослободувањето на Старо Нагоричене. Гостите ги поздрави градоначалникот Миодраг Јовановиќ, кој се заблагодари на иницијаторите за убавиот проект.

Со задоволство ја прифативме идејата за изградба на овој споменик и упатувам голема благодарност до сите некогашни ученици. Секоја генерација има свој сон, а сонот на генерацијата 1960/61 година е веќе реланост. Локалната самоуправа со согласност со своите можности максимално се залага за развој на образованието, и досега реализиравме многу проекти за подобрување на условите на наставата во нашите села. Сакаме и останатите генерации со задоволство да се навраќаат во училиштето каде се описмениле и го стекнале првото знаење- рече градоначалникот Јовановиќ.