Мени

Празник на виното и љубовта

14.02.2013 09:04 | KumanovoNews

  Денеска се слават празниците Свети Трифун и Свети Валентин. Празникот на виното и на љубовта го слават и кумановци.

Празник на виното и љубовта

Поделени се мислењата на кој празник треба да му се посвети поголемо внимание и да се прославува.

Гордица Бошковска, правник

 Постарите го слават Свети Трифун, а помладите Свети Валентин, бидејќи сакаат да покажат љубов и внимание. На Свети Трифун тој што има лозје почнува со работа. Симболично се прави закројување, лозарите се дружат. Мој впечаток е дека во мое време се славеше ловечка вечер, шоферска вечер и јас на такви забави сум одела. Исто и за 8 март имаше голема прослава, па одеа работнички организирано на Златибор. Сега тоа го нема, можеби заради финансии, а можеби и заради отуѓувањето меѓу луѓето.

Киро Соларски, секретар на здружение “Коледари“

Од мојата младост и до ден денес се слави Свети Трифун. Овој празник го слават сите, а младите се повеќе за Свети Валентин. Валентин се слави десетина години, а Свети Трифун е од памтивек. Кој си има лозје оди и закројува. Убаво е после толку години во брак со сопругите ако доживееме да одбележиме и Свети Валентин и да си подариме нешто.

Наташа Крстевска, технички секретар на ОК на ВМРО - ДПМНЕ

Ќе му купам подарок на партнерот иако Свети Валентин е католички празник. Славам и Свети Трифун. Практикувам да излезам на црвено вино во чаршија. Актуелно е да се бираат подароци за денот на вљубените, има доста избор, црвени срциња, мечиња. Мене ми треба еден час за да одберам.

Надица Петковиќ, етнолог во НУ Музеј Куманово

 Мене ми е поблизок празникот Свети Трифун, а Свети Валентин го слават младите од помодарство. Тоа е влијание од Запад. Треба младите повеќе да знаат за традицијата. Кога ќе отворат православен календар таму не стои дека на 14 февруари е Свети Валентин, туку Свети Трифун. Лозарите си закројуваат лозја и така го одбележуваат денот. Свети Валентин го почитувам, ама не го славам.

Ѓорѓи Липитаров, член на здружение “Коледари“

Свети Трифун е светец и ние на тој ден одиме во Табановце, закројуваме лозје, пиеме вино, ракија. Некои тоа го прават во присуство нс свештено лице. По традиција се сметаше дека по закројувањето ќе биде подобро, потопло, ќе има род. Валентин за мене е нешто ново, па ќе видиме кој празник ќе надвладее. Секое време си носи свое.

Сања Стојмановска, координатор на млади во Црвен Крст

Јас мислам дека луѓето се поделени пола - пола и ги слават и двата празника. Моите пријатели, познаници велат дека се разочарани од љубов па ќе пијат и обратно. Се сеќавам кога бевме во средно па се собравме навечер на Свети Трифун да пиеме црвено вино. Подарок за партнерот купувам задолжително, има многу голем избор за подароци.

Свети Трифун е христијански светец, роден во малоазиската област Фригија . Според христијанските верувања, уште од рано детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој бил повикан во Рим каде ја излекувал ќерката на царот за што бил богато награден. По смртта на царот Гордијан дошол на власт Дециј Трајан кој наредил да се прогонуваат христијаните. По долго мачење починал Свети Трифун, а неговите мошти се во Москва. Свети Трифун се слави како ден на лозарите.

Свети Валентајн датира од многу одамна, од времето на владеењето на царот Клаудије II. Tогаш се славел 15 февруари, ден на богот Луперкус, заштитник на овчарите и нивните стада. Во тоа време се верува дека царот забранил водење љубов и брак на неговите војници. Со ова тој сметал дека ќе се зголеми продуктивноста на неговите битки. Сите свештеници се потчиниле на неговата наредба и не венчавале никого од неговите војници освен еден, Валентајн, тој тајно венчал стотици војници, за да на крајот биде фатен и убиен на денот пред празникот, односно на 14 февруари. Оттогаш овој ден се слави во име на слободната љубов за која се борел свештеникот Валентајн.