Промовирана апликацијата “Моја општина“
Во просториите на општина Куманово денеска беше промовирана апликацијата “Моја општина“, проект кој се реализира со помош на УНДП и Швајцарската влада.
Со оваа апликација граѓаните ќе можат да изберат три приоритети кои се најважни за нив и за нивното семејство и сметаат дека треба да се реализираат. Апликацијата има мени на македонски, албански, турски, српски, влашки и ромски јазик.
- Проектот овозможува граѓаните да ги искажат своите потреби и интересите за градење на едно цивилизирано, просперитетно граѓанско општество во сфери кои се надлежност на локалната самоуправа. Било да е тоа од социјална, сфера на култура, спорт, економскиот развој кој ја вклучува и борбата со невработеноста или општите интереси на граѓаните. Преку овој систем на “Моја општина“ граѓаните ќе можат да го искажат своето мсилење, визии и потреби за она што се вика локална самоуправа - изјави Дамјановски.
Тој нагласи дека приоритетите од “Моја општина“ ќе бидат вметнати во развојните програми и ќе се реализираат со помош на Советот на општина Куманово.
Претставникот на УНДП, Лујза Винтон вели дека „Моја општина„ е инспирирана од апликацијата “Мојот свет“ на Обединетите нации.
- “Моја општина“ ја пренесува истата идеја на локално ниво. Мило ми е што Куманово е една од четирите пилот општини каде што се спроведува овој проект. Ние ќе ги следиме резултатите од оваа алатка прво за да ги искористиме во насока за да и други општини ја применат истата, а истовремено да изнајдеме области каде што можеме да соработуваме со градоначалниот во насока на креирање на нови проекти - изјави Винтон.
Целта е преку истражувањето од “Моја општина“, политичките лидери да добијат информација што треба да направат за да ги исполнат очекувањата на граѓаните.