Мени

Промовирани училишните униформи во “Браќа Миладиновци“

31.03.2014 10:38 | KumanovoNews

Во дворот на основното училиште “Браќа Миладиновци“ денеска учениците ги промовираа училишните униформи.

Промовирани училишните униформи во “Браќа Миладиновци“

Иницијативата за воведување на униформи ја покрена училишниот парламент во “Браќа Миладиновци“.

На училишен парламент одлучивме дека во нашето училиште треба да се носат униформи. Направивме прво анкета на која учениците напишаа каква боја треба да биде униформата. Најмногу гласови имаше за тегет. Иницијативата беше на ученици од седмите одделенија - вели Марија Спасовска, член на училишен парламент.

Директорката Марина Манојловска потенцираше дека “Браќа Миладиновци“ е прво основно училиште во градот кое воведува униформи, а на есен постои можност за дополнување на униформата со здолниште за женски и панталони за машки.

Одлуката беше прифатена од советот на родители, но поради возраста децата од 1 до 4 одделение нема да бидат униформирани, туку само поголемите. Целта и на родителите, професорите  и на учениците беше практична употреба, не фрлање на оние работи кои ги носеа досега, а од друга страна сите разлики во економска, социјална сфера се невидливи. Тие се еднакви сите помеѓу себе - изјави Манојловска.

Трошоците за  купување на униформите ги покрија родителите.