Протести со партиска боја на водата
Поради проблемите со водоснабдувањето, денеска во градот се одржаа протести на граѓаните на две различни места.
Првиот протест беше на Градскиот плоштад и на него присуствуваа главно вработени во јавните претпријатија и локалната администрација со градоначалникот, а на другиот пред Општината беа дојдени мал дел на жители на населбата Карпош и членови на опозицијата. И од двата протести беше упатено барање за нормализирање на водоснабдувањето во градот, но на различни адреси. Додека првите одговорноста ја бараа кај менаџерскиот тим на Водостопанство, другите за проблемите со водоснабдувањето го обвинија ЈП „Водовод„ и градоначалникот.
Не припаѓаме ниту на ниту една политичка партија и бараме да добиеме вода. Неможе да не третираат како жители од втор ред и да немаме вода иако сме повеќе од 10 000 жители и го полниме буџетот на општината. Не ни е гајле кој е крв, ние водата ја плаќаме на Водовод,- велеа револтирано граѓаните пред Општината.
Градоначалникот Зоран Дамјановски прими делегација на иницијативниот одбор од населбата Карпош, по што им беше соопштено дека е најдено решение за проблемот.
Ако водата се пушти попладне како што е договорено кај министерот, ќе треба време да се наполни цевководот, а можни се и дефекти на мрежата. Но како и да е, до понеделник водоснабдувањето ќе се нормализира. Жал ми е што се најдовте во таква ситуација, но по овој договор ќе настојуваме проблемот да не се повтори-рече градоначалникот Дамјановски.
Тој ги повика граѓаните рационално да ја трошат водата, а за прекумерната употреба најави санкции со повисока цена за пречекорување на дозволениот лимит. Но таа одлука ќе треба да ја донесе советот на општината Куманово.