Мени

Првата генерација од “Наце Буѓони“ слави 50 години матура

17.05.2014 11:33 | KumanovoNews

Првата генерација на ученици од средното техничко училиште “Наце Буѓони“ денеска слави 50 години од матура.

Првата генерација од “Наце Буѓони“ слави 50 години матура

13 луѓе од оние ученици кои се запишале во далечната 1960 и матурирале во 1964 година се собраа за да го одбележат јубилејот. Заедно со директорката на училиштето Лидија Михајловска прошетаа во кабинетите каде се изведува практична настава, а потоа со неа оддржаа класен час.

Ќе си помуабетот до каде статасале во животот, што направиле. Ќе си евоцираат спомени, а јас сум тука само како домаќин на ова училиште да ги пречекам бидејќи класниот им е починат и тие ми се најдраги гости. Првата генерација секогаш се драги гости - изјави Михајловска.

Тие се потсетија како било во нивно време кога имале помала училишна зграда и поскромни услови за изведување на настава. Во прва година тогаш се запишале 47 ученици, а завршиле само 22 од нив.

Тогаш образованието беше многу построго. Имавме само двајца редовни професори, додека сите останати професори беа инженери од ФЗЦ“11 Октомври“. Тие предаваа стручни предмети, не беа педагози и психолози како сега. Од работа доаѓаа и ни предаваа. Немавме учебници, ни диктираа или се снаоѓавме со учебници од Белград, Сараево, Загреб. Имавме голем ентузијазам и повеќето од нас потоа продолжија на факултет во Скопје, Ниш, Белград каде дипломираа, станаа професори, директори - вели Мирослав Мартиновски, машински техничар во пензија.

Крунислава Стокиќ е единствена жена од првата генерација која завршила во “Наце Буѓони“ и станала машински техничар. Таа вели дека со школските другари и ден денес се во контакт и редовно се собираат за да се дружат.

Секогаш е пријатно да се биде на ваква средба и навираат оние чувства од првите денови кога сме почнале на училиште. Се сеќаваме на убавите моменти кои сме ги имале. За жал секогаш кога доаѓаме сме се помалку и помалку. Започнавме 47 ученика, а на крај завршивме 22. Сега сме само 14, другите колеги се покојни. Нашиот класен раководител кој ни беше пример за професор, човек, родител сега го нема, неколку месеци пред оваа годишница почина - рече Стокиќ.

Првите матуранти од “Наце Буѓони“ ветија дека и за следните години ќе планираат слична заедничка дружба.

Од училиштето заминаа на Градските гробишта за да положат цвеќе на вечните почивалишта на нивните професори и соученици.