Мени

Работилница “Заедно другаруваме, заедно празнуваме“

25.12.2013 10:23 | KumanovoNews

Во основното училиште “Браќа Миладиновци“ денеска се оддржа работилница која е дел од проектот “Заедно другаруваме, заедно празнуваме“.

Работилница “Заедно другаруваме, заедно празнуваме“

Учениците од повеќе одделенија изработуваа новогодишни украси и честитки кои ќе бидат подарени на нивни врсници.

Ќе направиме изложба од сите тие украси во едно катче во училиштето. Користиме природни материјали, хартија, картони во боја, монистра, чипки. Ќе бидат украсени училниците, а честитките децата ќе ги испратат на други другарчиња - велат менторките Валентина Јанева и Лиле Тимчевска.

Во рамки на истиот проект учениците ќе ги одбележат Нова година и Св.Валентин, празници кои ги слават децата од сите етнички заедници кои живеат во Куманово.  Заедно тие ќе посетат предновогодишен концерт во Скопје и ќе одат на проба во Театарот на народностите.

 Имавме организирано интервјуа со наши познати кумановски личности. Од естрадата ја интервјуираа Маргица Антевска, актерскиот пар Кети и Горан Илиќ и еден спортист. Децата беа добро подготвени со прашања. На крајот на февруари ќе излезе списание во кое ќе бидат објавени интервјуата - изјави Елизабета Костадиновска Костиќ, заменик директор во ОУ “Браќа Миладиновци“.

Овој мини проект почна во ноември и ќе трае до февруари 2014 година. Проектот е поддржан од УСАИД и Фондација Отворено општество Македонија.