Ризично е да се биде таксист
Таксистите ја сметаат својата професија за ризична и велат дека одсекогаш им се случува да бидат измамени, да возат на одредена релација без да им се плати, да им украдат телефон или пари, па дури и да ги нападнат.
Возачите на такси возила, велат дека измамниците користат различни финти за да го искористат нивниот труд и да не платата, а се случува и да ги зафркаваат со прикриен број да ѕвонат во такси компанијата и да повикаат такси возило без потреба.
Се случило да отидам на повик и таму да нема никој. Има корисници на дрога кои се возат и честопати не плаќаат. Се вадат со изгорови дека немаат ситно и бегаат. Кај нас не е безбедно да се биде таксист. Јас веќе две години работам и се е исто, не е сменето на подобро. Други колеги ми кажувале дека ги тераат да ги возат настрана, потоа ги напаѓаат, им земаат пари. Гледаат измамниците да излажат некој помлад таксист - раскажува такси возач.
Негов колега раскажува дека за три недели два пати добил лажен повик.
Луѓето викаат такси, а во меѓувреме си наоѓаат друг превоз или не викаат за џабе. На поодалечени релации, да речеме во подалеко село не одам ако не сум сигурен дека навистина на патниците им треба превоз. Ако некој ме излаже, тие пари кои сум требал да ги земам морам да ги надоместам, ми се одбиваат мене. Сум чул дека други таксисти имале проблеми, им краделе пари, телефони. Помладите таксисти лесно можат да бидат изманипулирани, а постарите имаат искуство и ги знаат младите кои се проблематични. Според мене воопшто не е безбедно да се биде таксист - додава друг таксист.
Тие објаснуваат дека многу ретко се случува граѓаните да бидат доблесни и да ги почестат таксистите.