Мени

Ромки се обучуваат за свој бизнис

13.03.2013 13:13 | KumanovoNews

 60 жени од ромска националност од Куманово ќе посетуваат курсеви и ќе учат вештини за да си го олеснат патот до вработување.

Ромки се обучуваат за свој бизнис

Жените веќе неколку дена го посетуваат Работниот клуб во Центарот за ромска заедница ДРОМ, каде учат како да се однесуваат на интервју, како се пишува кратка биографија, како да бидат ефикасни работници, да работат тимски и организирано.

 Веќе три дена одам на тренинг. Задоволна сум и барам работа. Имам диплома за чевлар, но сакам да добијам сертификат за козметичар или фризер и со тоа да се занимавам. Досега воопшто не сум работела. Повеќе од десет години сум без работа - вели Рафаела Демировска од Куманово.

Донка Петровска, тренер во проектот раскажува дека жените прво биле информирани за она што ќе можат да го научат, а потоа се избрани кандидатките со најголема мотивација. Таа вели дека преку овој проект жените од малцинските групи, Албанки, Ромки и Турчинки треба да стекнат работни навики и практични знаења.

Во Куманово се вклучени 60 жени над 18 години и тие ќе бидат поделени во три групи. Дел од жените ќе поминат на тренинг десет дена, а потоа жените по групи ќе одат на курсеви за пекари, фризери, она што се бара. Една група ќе биде вклучена и ќе оди на работа во фирма каде ќе работат и ќе земаат хонорар. Еден дел од обуката ќе се одвива во Скопје, каде ќе учат како се отвора фирма, што е бизнис план, бизнис идеја. Реално многу тешко во денешно време се доаѓа на пазарот на трудот, но ние ќе се потрудиме да им излеземе во пресрет доколку можеме и истите да бидат вработени. Моментално работам со дваесет жени и се активни, сакаат да се вработат, имаат волја - вели Петровска.

Проектот ќе трае 15 месеци и е финансиран од европските ИПА фондови и од Министерството за труд и социјална политика.Планирано е низ Македонија да бидат обучени за работа 300 жени вклучувајќи ги градовите Дебар, Струмица, Куманово и Скопје.

На реализација на овој проект работат шест невладини организации од земјава.