Мени

Сакам среќно семејство

07.10.2011 14:07 | KumanovoNews

 Синиша Радуливиќ (34) од Куманово е еден од многуте млади луѓе во Општината, кој со години чека и се надева дека ќе се вработи. Секое утро се буди со мислата да добие понуда за работа и покрај тоа што знае дека економската состојба во државата е тешка.

Сакам среќно семејство

Јас имам само осмо одделение и неможам многу да избирам што ќе работам. Не се срамам од било која работа, само да бидам ангажиран и да го исполнам времето. Вака седам залудно, а годините минуваат. Работам повремено, ама таму нема пари. Најмногу сакам да работам во обезбедување на некој објект или како стражар во некоја фирма, но неможам да најдам таква работа, затоа што нема кој да ми помогне- вели разочарано Синиша.

Тој израснал во Домот за деца без родители во Скопје, а од својата осумнаесета година живее во Домот за стари лица „Зафир Сајто„ во Куманово.Благодарение на хуманоста и разбирањето на раководството на таа институција, Синиша не е на улица. Има каде да спие и што да јаде, но тоа не е доволно за млад човек, кој сака подобро да си го организира животот.

 Во собата во старачки дом мои се само телевизорот, дивидито и облеката. Доколку се вработам ќе се иселам и ќе  купувам што ми треба. Вака немам ништо, но имам многу пријатели кои ми помагаат колку можат. Сакам да имам свој дом, сопруга и деца на кои ќе им пружам се што јас немав - вели Синиша.  

Синиша не знае која е неговата мајка, а татко му починал пред 6 години. Никогаш не почувствувал родителска љубов и грижа, а животот секогаш бил суров кон него. Од татко му  наследил мал имот во селото Тромеѓа, но нема пари да изгради куќа. Вели дека единствени желби му се да има постојана работа и среќно семејство, бидејќи никогаш не го почувствувал тоа. Сите кои можат да помогнат да се исполнат желбита на Синиша, нека се јават на неговиот број 078 644 955.