Мени

Шарањето јајца е уметност за домаќинките

04.05.2013 14:11 | KumanovoNews

Бојадисувањето и украсувањето на велигденските јајца е уметност за Василка Томиќ од Куманово, која секоја година бојадисува јајца за домашните, роднините и пријателите.

Шарањето јајца е уметност за домаќинките

Техниката за шарени јајца ја научила од својата мајка, а кога била помлада, шарала по 700 јајца за најблиските.

Сега не можам толку многу јајца да шарам бидејќи се стои на нозе. Употребувам бугарски бои бидејќи се најквалитетни. Растворам во шест - седум чаши различни бои со малку вода. Имам крпчиња старовремски, памучни кои порано се плетеле. Белото топло јајце, сварено го мотам во такво крпче и од топлината се оформуваат шари. Онаму каде што останува празнина на јајцето потполнувам со различни бои и јајцето изгледа убаво - вели Василка Томиќ.

На сличен начин јајцата се бојадисуваат со листови од детелинка, така што целото јајце има една боја, а делот кој бил покриен со лист останува бел. Василка велигденските јајца ги бојадисала на Велики четврток. Секогаш се труди јајцата да изгледаат природно, и затоа на нив не додава апликации. Таа објаснува дека на шарените јајца најмногу им се радуваат најмалите.

Си има посебна лампа и игла, и со восок може да се шараат јајцата. Се црта на нив со восок, се пуштаат потоа во црвена боја и восокот паѓа, а шарата останува. Може на лушпата да се црта килим, цвет, било што по желба. Така правеше свекрва ми и тоа од неа го имам научено. Нема некој посебен марифет, јајцата не ги варам ниту со оцет, ниту со сол, ниту пак ги мачкам со зејтин за да светат како што прават некои жени - додава Василка.

Подготовката на јајцата за неа е задоволство. Таа бојадисува и украсува јајца во повеќе бои, се труди да бидат убаво декорирани и да бидат примамливи за око.