СДСМ: Незаконски назначена директорка на школо во Нагоричане
Од СДСМ го обвинија градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Милован Стојковски, дека во ОУ “Христијан Карпош“ во селото Младо Нагоричане назначил директорка која не ги исполнува условите за работа предвидени со законот.
Тие тврдат дека новоназначената директорка Марија Додевска, нема најмалку 5 години работно искуство во воспитно-образовна институција, ниту положила испит за директор, а веќе распишала оглас за преим на нови вработувања.
Дали со ова в.д директорката треба да вработи партиски послушници? Почитуван министре за образование, ова го нема ни на Кембриџ ниту пак на друго место во светот. Кај се сега државните просветни инспектори кои доаѓаа на часовите внесувајќи страв кај наставниците? Кај е трудовата инспекција да го види несоодветниот распишан конкурс? Кај е синдикатот да ги заштити работничките права и да ја стопира ваквата самоволна работа на вашите службеници? - праша Жаклина Јовановска, член на ОО на СДСМ Старо Нагоричане.
Од СДСМ ги повикаа сите надлежни институции да го испитаат случајот и сите незаконски донесени решенија на градоначалникот и директорката да бидат поништени. Ваквите прекршувања на законските одредби не треба да бидат дел од современиот образовен систем, додаваат од партијата.