Се намалува бројот на првачиња
Во основните училишта во Куманово до крајот на јуни се запишале вкупно 1170 првачиња.
Од Секторот за образование во Општината велат дека последниве години бројот на првачиња се намалува. Според списоците од матичните книги бројката на деца кои треба да тргнат во прво одделение во кумановските училишта се движи околу 1370.
Ние имаме база на податоци од државните служби за матична евиденција. Секогаш се запишуваат помалку деца, се менуваат адреси, некои деца се запишуват дури во август. Посебно децата од Средорек и некои други населби одат на сезонска работа и тие се запишуваат во прво одделение во август или во првата половина на септември. Секоја година 100 до 150 првачиња се запишуваат на училиште со задоцнување - вели Миле Стојменовиќ, раководител на сектор за образование во Општина Куманово.
Од ОУ “Христијан Карпош“ имаат 25 првачиња помалку во споредба со лани, но очекуваат дека до почетокот на учебната година бројката ќе се зголеми.
Во централното училиште се запишани 95 првачиња. Ромчињата најверојатно ќе се запишат во септември и со нив ќе ја постигнеме бројката од 120 првачиња која ја имавме и лани - изјави Лидија Костиќ, директорка на ОУ“Христијан Карпош“.
И во останатите училишта е регистриран помал број на запишани прводеленци или ист број како и минатата година.