Се одбележуваат Денови на српскиот јазик
Во ОУ “Вук Караџиќ“ денеска и во наредните три дена со низа активности ќе ги одбележуваат Деновите на српскиот јазик.
Целта е низ неколку работилници учениците да ги увидат разликите и сличностите меѓу српскиот и македонскиот јазик.
Денови на српски јазик во ОУ “Вук Караџиќ“ се спроведуваат за првпат. Учениците кои се декларираат како Срби, меѓутоа и оние кои не се, ќе работат на текстови, ќе прават компарација меѓу двата јазика кои што се многу блиски, но се кодифицирани како јазици на посебни држави. Куманово има специфична територија, блиску сме до Србија, имаме многу Срби во Куманово и треба да се популаризира јазикот. Ние живеевме во друго време, но денес младите генерации можат да го читаат, но не можат да го зборуваат. Ова е една можност да ги научат неговите основни правила - вели Елизабета Краљевски, координатор на проектот.
Денеска на работилница ќе се говори за допирните точки меѓу двата јазика. Утре учениците ќе препејуваат песна од српски на македонски јазик. Задутре ќе има литературна работилница “Пишем и писаќу„, а во четврток ќе има трибина на тема “Наследството на Вук Караџиќ“.
Овие настани се дел од програмата “Низ игра и песна“ и се прават по повод 68 години од постоењето на училиштето.