Се закрои лозјето во “Киро Бурназ“
Градоначалникот Зоран Дамјановски и професорот по лозарство и винарство Александар Арсиќ, денеска закорија лозје во дворот на Земјоделското училиште “Киро Бурназ“ со желби за бериќетна и успешна година.
Закројувањето го следеа учениците, вработените од училиштето, претставници од локалната самоуправа, членови на здруженија и други.
Традиционално секоја година ние сме овде присутни, од име на граѓаните, од мое лично име, на училиштето му го честитам празникот. Би сакал училиштето како и оваа година и понатаму да биде успешно. Годината да биде родна за Куманово , за Македонија, да се гледаме и понатаму, да го градиме овој град - изјави Дамјановски.
Професорот Арсиќ објасни дека закројувањето е многу важна агро - техничка мерка со која се овозможува гроздовите да бидат правилно распоредени, да бидат на дофат на сонцето и да има циркулација на воздух меѓу нив. На ваков начин се придонесува за побогат род.
Со закројувањето се регулира родот и квалитетот на добиеното грозје. Исто така се добива правилен распоред на ластарите, може лесно да допре сонцето до нив, да допрат природните околности, да се проветрува, да се изведат другите агро - технички мерки. Ако не дојде до кроење на лозовиот насад, сигурно ластарите ќе бидат полегнати и нема да може да се ора, фрла ѓубре и да се заштити лозјето. Секоја година за оваа струка има се поголем интерес во училиштето. Оваа година запишавме три паралелки. Оваа струка е перспективна - вели Арсиќ.
Тој додава дека нивните ученици познавајќи ги модерните методи на производство на храна можат да отворат свој бизнис, да се вработат во приватни фирми и други претпријатија.
По закројувањето на лозјето во училиштето “Киро Бурназ“ имаше промоција на сработените проекти.