Се зголемува шумскиот фонд во кумановско
И покрај пожарите кои лани лето беснееја во липковско, во 2012 година имало за 20 отсто повеќе шуми во регионот за разлика од 2011 година.
Од “Шумско стопанство“ објаснуваат дека секоја година пошумуваат по 300 хектари земјиште, а за оваа година имаат поамбициозни планови. На планините подеднакво застапени се зимзелените и листопадните дрва.
Оваа година планираме повеќе внимание да му посветиме на Карадак и Козјак, на браните Липково и Глажња кои се богатство на овој крај и треба да се сочуваат. Два месеци во пролет и два месеци на есен сме на терен и пошумуваме со нови садници. Ние сме претпријатие со 180 вработени и од портир па до директор не гледаме петок, сабота, туку до попладне до 18 часот се случува да бидеме во планина и да садиме дрвца. Тоа е наша работна сила, наши планови, наши визии. Сега времето е дождливо, поволно за нас и ќе почекаме врнежите да престанат да продолжиме со работа - вели Ваит Саити, директор на “Шумско стопанство“.
Тој додава дека за 60 години, период колку што постои претпријатието, последниве години има голем напредок и се намалуваат голите површини во кумановско, липковско и Старо Нагоричане.