Мени

Седумчлено семејство живее со 2000 денари

10.02.2014 10:32 | KumanovoNews

Седумчленото семејство Стојковски од населбата Игор Тричковиќ живее во невидена беда и сиромаштија.

Седумчлено семејство живее со 2000 денари

Сопружниците Игор и Марина, кои имаат сериозни здравствени проблеми, едвај ги прехрануваат своите малолетни деца со социјална помош од 2 000 денари. Повеќе гладни отколку сити, оскудно облечени, без покуќнина, семејството живее во една собичка. Игор тропнал на многу врати за да побара работа, но безуспешно. Конкурирал во ЈП “Македонски шуми“, “Гранит“ и “Бетон“, но секаде го одбиле, а не успеале да добијат ни додаток за трето дете. Неговото семејство има пет деца од кои најмалото има 6 месеци, а најголемото 10 години. Како што растат децата, растат и нивните потреби кои родителите не можат да ги задоволат бидејќи немаат начин да заработат.

 Ќе купам вреќа брашно и додека да се свртам веќе ја нема. Сиромашки живееме, ни помагаат пријателите колку можат. Жената е болна, и не смеам децата да ги оставам сами со неа. Немаме ни покуќна, сите спиеме на три кревети во една соба. За да се вработиш треба да имаш врски. Јас барам работа и ако некој може да ми понуди ќе прифатал било што да работам. Од никаде немам помош, со овие десет прсти ја хранам фамилијата - вели Стојковски.

Игор се оперирал од преплет црева, а неговата сопруга боледува од епилепсија. Поради тешката финансиска состојба честопати не се во можност да ги купат лековите кои им се потребни.

Немаме чаре. Денеска ми препишаа лекови, а не можам да ги купам. Без тие лекови не можам јас. Страв ми е, кога оди приватно да поработи јас без тие лекови не можам да седам и да ги чувам децата - рече Марина Алексиќ.

За помош Стојковски се обратиле во Црвен Крст од каде редовно добиваат облека, но ги молат сите хумани граѓани доколку се во можност на каков било начин да им помогнат да ја надминат тешката сиромаштија.