Мени

Секое училиште ќе добие полицаец

29.08.2011 13:14 | KumanovoNews

 Во сите основни и средни училишта во државата ќе се спроведува проект “Полицијата и учениците се дружат“, со кој над 150 полицајци ќе се грижат за безбедноста во училиштата.

Секое училиште ќе добие полицаец

Со тоа учениците, нивните родители и вработените во училиштата, во секој момент ќе знаат каде да се обратат за секој проблем што ќе се појави во образовните установи.

“Потоа обврска на одговорниот службеник е да процени дали може сам да го реши проблемот или ќе побара дополнителна помош“, рече на промоцијата на проектот министерката Гордана Јанкулоска.

Во Кумановската полиција велат дека уште пред еден месец ги одредиле полицајците кои ќе се грижат за безбедноста на училиштата во Куманово. Нивните имиња и телефонски броеви наскоро ќе бидат  објавени на сајтот на МВР и ќе бидат достапни за родителите. Со преоктот се опфатени сите средни и основни училишта во Општината, а полицаецот од централното ќе го покрива и подрачното училиште.

Во учебната 2010/2011 година МВР регистрирало вкупно 57 случаи на насилничко однесување од страна на ученици, а од нив, 38 во или пред средните, додека пак 16 случаи во или пред основните училишта. Во 42 од овие случаи е применета физичка сила, во четири нож, а во девет други тврди предмети. При тоа еден ученик го загуби животот, а 68 меѓу кои и еден професор беа повредени.