Секој топоним приказна за себе
Селата и населбите во кумановско, своите имиња, најчесто ги добивале по првите жители, по некоја специфична случка или по местоположбата.
Постарите населби, топонимите ги имаат уште од римско време, а за поновите населени места има многу легенди и нивните имиња обично датираат од турско време.
На пример селото Драгоманце името го добило по старешината Драгоман. Ова место е населено во 19 век, значи не е стара населба. Основачот имал три сина со кои се доселил од селото Поповац (Параќин). Драгоман бил старешина на група работници.- вели Надица Петковиќ, етнолог во Музеј Куманово.
Таа објаснува дека селото Четирце името го добило по четири стари фамилии кои биле населени од Старо село, простор кој денеска се наоѓа меѓу селата Четирце и Карабичане. Селото Љубодраг, пак името го добило по првите доселеници, старешината Љубо и неговата сопруга Драга.
Според народните преданија, селото Довезенце е крстено по браќа кои живееле во Мургаш, а трлата им биле на местото каде се наоѓа Довезенце. Потоа едниот од браќата се отселил од Мургаш и заминал да живее во Довезенце.
Населбата Рајкова Куќа е именувана по Рајко Благојевиќ кој во 1922 година се населил покрај патот Куманово - Крива Паланка. Тој бил меѓу првите луѓе кои тука направиле куќа, го оградил тој дел. Словенски доселеници од планина Мокра, југозападно од Скопје, биле викани макрешани и по нив имаме село кое се вика Макреш. Село Жегљане името го добило од зборот “припек“, што значи жега - објаснува Петковиќ.
Голем дел од селата имаат остатоци од различни културни епохи и тоа придонело за дефинирање на имињата на селата кои денеска постојат во околината на Куманово. Некои се преименувани, но сепак жителите во секојдневната комуникација ги користат народните имиња.