Семафорите кај Зелен пазар со месеци не работат
Семафорите кај Зелен пазар со месеци не работат, па на раскрсницата се создава невиден метеж.
Особено е алармантно во пазарни денови кога често се случуваат и сообраќајни несреќи. Пазарџиите не паметат кога последен пат семафорите функционирале, а пешаците велат дека мораат да ја претрчуваат улицата за да поминат, затоа што никој не го почитува пешачкиот премин.
Некогаш светат, некогаш не, но поголем дел од времето се расипани. Најмногу гужва има во четврток и недела од 10 до 16 часот, но и секој ден кога луѓето одат и се враќаат од работа. Не паметам некој да дошол и да ги поправал семафорите. - велат граѓанините.
Тие сметаат дека пешаците треба да бидат повнимателни во случај кога семафорот не работи и посочуваат дека околу Зелен пазар фалат сообраќајни знаци.
Од СВР Куманово велат дека за одржување на семафорите е задолжена Општина Куманово, која има склучено договор за фирмата “Светлост“. Од Општината пак тврдат дека полицијата ја регулира светлосната сигнализација во градот.
Ние мислиме дека СВР Куманово ги исклучува семафорите или евентуално некој граѓанин. Ако е потребно ние ќе ги вклучиме, ќе дадеме налог, меѓутоа тврдиме дека семафорите се исправни и се во функција, а ги исклучуваат од полиција најверојатно заради регулирање на сообраќај - изјави Момчило Јовановски, помошник раководител во сектор за урбанизам во Општина Куманово.
Јовановски додава дека истото се случува и со семафорите кај Општа болница и кај Чик, поранешна “Пчела“.
И додека надлежните си ја префрлаат вината, по улиците владее сообраќаен хаос и безредие од кое ви се дига косата на глава.