Мени

Семинари за лекари ќе има во Куманово

31.01.2013 11:58 | KumanovoNews

За разлика од порано кога лекарите мораа за семинари да патуваат во Скопје, од оваа година семинари ќе има и во Куманово.

Семинари за лекари ќе има во Куманово

Тие ќе бидат нешто поевтини од лани,a ќе се оддржуваат преку викенди за да можат сите лекари да присуствуваат.

Фатмир Асани, претседател на матичните лекари од Куманово вели дека ова ќе биде олеснителна околност за неговите колеги кои годишно посетуваат по три семинари.

Од оваа година на мое залагање ќе имаме семинари во Куманово и нема колегите да патуваат во главниот град. Едукатори ќе бидат ангажирани од нашиот град и од Крива Паланка. Ова се задолжителни обуки и ако лекарот ги испушти на некој начин ќе биде санкциониран од Фондот за здравство. Државата би требало да ги плаќа тие семинари, но засега сами ги плаќаме. Една обука ќе имаме во март, една во мај и третата ќе биде на есен. Ќе гледаме семинарите да се оддржат преку викенд за да им одговара на лекарите. Ќе се прават контроли и кој нема сертификати од тие три обуки ќе му одбијат од капитација - вели Асани.

Според некои нивни пресметки  сите матични лекари заедно лани потрошиле вкупно 1800 евра за семинари .

Државата мисли дека ние многу заработуваме, па можеме да ги плаќаме семинарите. Секој матичен годишно посетува три обуки, значи секој од нив плаќа по 70 или 80 евра за оваа намена. Предавањата се корисни, може да се научи нешто ново или едноставно може да се потсетиме на она што сме го учеле - раскажува матичен лекар.

Во Куманово има стотина матични лекари, а на ниво на државата нивната бројка е околу 2000.