Мени

Со плодна почва до две реколти годишно

26.07.2013 11:59 | KumanovoNews

 Кумановските земјоделци тврдат дека кумановскиот регион има плодна почва која може да дава добри приноси со примена на соодветни агротехнички мерки.

Со плодна почва до две реколти годишно

Тие објаснуваат дека на иста површина можат да добијат две реколти со засадување на две култури едно по друго.

Ако е почвата од прва класа треба правилно да се искористи со длабоко орање. Не е исто длабочина од 20 цм и длабочина од 60 цм. Потребно е добро рамнење, сеење со редосеалка за добри приноси. Кај што има систем за наводнување без проблем ќе се извадат две реколти. Откако ќе се ожнее жито ќе се засади зелка, корнишони - вели Стојко Ивановски, секретар во Здружение на земјоделски производители Куманово.

Многу земјоделци практикуваат на исто земјиште да засадуваат две култури и велат дека после жетва садат грав, боранија, краставици.

Жетвата на јачмен завршува пред Петровден и тогаш ми се ослободува место на кое засадувам грав. Гравот има период на вегетација од 60 дена, а корнишоните имаат пократок период од 45 дена. Успева компир, праз ако се засади на истата површина - додава Слободан Трајковски, земјоделец од село Доброшане.

Постарите велат дека иако почвата е со ист квалитет порано се добиле подобри приноси и родот бил побогат во кумановско.