Мени

Со тестови за професионална ориентација полесно до избор на професија

29.01.2013 09:03 | KumanovoNews

 Основците и средношколците во март ќе полагаат тестови за професионална ориентација, со кои полесно ќе изберат кое средно училиште или факултет се соодветни за нив.

Со тестови за професионална ориентација полесно до избор на професија

Овие тестови нема да ги проверуваат знаењата, туку ќе ги утврдат афинитетите на децата. Со добиените резултати учениците ќе добијат препораки кои училишта најмногу им одговараат.

Во принцип тие тестови се добри обострано и за ученикот и за наставникот. Добро е детето да се насочи, да не биде после да учи нешто што не сака, да се соочува со слаби резултати и да има емоционално незадоволство. Ако се водат од добиените резултати, ќе одберат училиште кое им одговара, а не по желба на родители или по желба на другарчето. Важно е да го сака она што ќе го учи и работи во иднина - вели Надица Петровска, директорка на ОУ“Вук Караџиќ“.

Граѓаните сметаат дека ваквото тестирање ќе биде корисно за учениците.

Јас завршив текстилна струка. Тоа го сакав, и во тоа време беше убаво да се занимава човек со оваа професија. Сега децата сами си бираат каде ќе се запишат. Моите не направија правилен избор на училиште и едно завршија, а сосема друго работат - рече Сунчица Ангеловска.

Тестови за професионална ориентација доброволно учениците можеа да направат во Агенцијата за вработување. До 90 - те години тестовите за избор на училиште биле задолжителни и се правеле во училиште со помош на психолог или педагог.