Состојбата со детскиот труд е алармантна
Над 18 000 деца во Република Македонија не одат на училиште и над 2000 деца секојдневно поминуваат на улица во субстандарни услови, живеејќи под ведро небо без родителска грижа.
Најчесто овие деца се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд. Ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни се Ромите. Правото на сите деца да учат е природно право на секое човечко суштество. Ова важи особено за децата од улица, бидејќи ако државата обезбеди задолжително бесплатно и пред се квалитетно образование за секое дете може да се затвори кругот на неписменост, сиромаштија, детска експолатација и злоупотреба.
Со одбележување на 12 јуни Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд, Првата детската амбасада во светот Меѓаши потсетува дека Република Македонија иако ја ратификуваше конвенцијата бр.182, сеуште состојбата со детскиот труд е алармантна.
Владата прави напори да ја намали злоупотребата на детскиот труд со отварање на дневни центри. Таму им се дава оброк, облека, хигиенски потреби и се здобиваат со основни воспитно-образовни содржини.
Но,ставот на Правата детска амбасада во светот Меѓаши е дека дневните центри не се трајно решение, за обезбедување на основните права на децата на право на дом, образование и заштита од злоупотреба на детски труд. Најчесто овие деца по престојот во дневниот центар повторно завршуваат на улица и собираат старо железо, пластика, препородавање ситни дребулии и питачње. Причина за ова е што децата се чувствувааат должни да обезбедат егзистенција за своето семејство. Не помалку различна е и состојбата со деца кои се жртви на детски труд во руралните средини, во земјоделието, сточарството или во домаќинствата ,особено девојчињата'велат од Меѓаши..
Стотици милиони девојчиња и момчиња во целиот свет се жртви на детски труд изложувајќи се на ризична и опасна работа што ги лишува од соодветно образование, здравство, одмор и основни слободи. Повеќето од нив се изложени на најлошите форми на детски труд, како што се работа во опасни средини, ропство, или други форми на принудна работа, незаконски активности како што се трговијата со дрога и проституција, како и учество во вооружени конфликти.
Според Глобалниот извештај на МОТ за детскиот труд во 2010. се проценува дека има 215 милиони деца работници во светот, a 115 милиони деца се вклучени во работи опасни по детското здравје, безбедноста или моралот.