Српската заедница слави 20-ти роденден
Српската заедница во Македонија прослави 20 години постоење и успешна работа. По тој повод синоќа во центарот за култура организираа свеченост за своите членови и пријатели. За почетоците и развојот на српската заедница зборуваше претседателката Гордана Стојковска.
Нашата организација во овие 20 години помина низ многу турбуленции, но зад себе остави многу активности со кои денес може да се гордее. Мораме да признаеме дека имаме и одредени пропусти, и некои работи за кои ќе жалиме, но најважно е дека се одржавме, постоиме и работиме. Визионерите на оваа организација, кога се распадна поранешната држава сватија дека се од темел се менува и дека ќе мора во оваа држава да се поставиме како национално малцинство, за да го сочуваме сопствениот идентитет - рече претседателката Стојковска.
Претседателот на кумановскиот огранок Горан Зафировиќ зборуваше за активностите што заедницата ги реализирала во изминатите 20 години. Дел од нив се и организирање на хуманитарна помош и крводарителски акции во соседните српски градови за помош на Србите за време на НАТО бомбардирањето.
Програмата беше збогатена со културно-уметничка програма.
