Мени

Старо Нагоричане и Рила ќе добијат младински центри

18.07.2013 14:23 | KumanovoNews

 Општините Старо Нагоричане и Рила од Бугарија, денеска во комплексот Етно село го промовираа проектот со ќе се отворат младински центри со реконструкција на стари објекти.

Старо Нагоричане и Рила ќе добијат младински центри

Во Старо Нагоричане ќе се реновира старо училиште, а во Рила со преадаптација на стара автобуска станица ќе се основа младински центар. Во овие центри младите ќе следат обуки, курсеви со цел полесно да се вработат и да не се иселуваат.

Старото училиште во село Старо Нагоричане е дел од оваа традиција и култура. Во него се оддржуваа културни манифестации, се посетуваше основно училиште, за него се врзани нашите игранки и другарувања, вљубувања. Проектот “Млади за млади“ ќе го врати животот во руините на оваа стара зграда. Училиштето повторно ќе биде исполнето со животна радост, ќе биде собиралиште на младите и двигател на иднината. Со овој проект Европската унија го оживува заборавеното и вложува во иднината на младите - изјави Милован Стојковски, градоначалник на Општина Старо Нагоричане.

Заменик градоначалникот на Општина Рила, Лазар Чавков вели дека проектот ќе биде добредојден за младите во двата региони.

Целта е младите да се обучат, да стекнат знаење и да се снајдат на пазарот на трудот. Проектот ќе ги збогати младите, да се оспособат за работа и да останат да живеат таму каде што се родиле. Општина Рила брои 3.040 граѓани и како и во Старо Нагоричане повеќето се возрасни. Млади има некаде околу 29 отсто - додава Чавков.

Амбасадорот на Македонија во Република Бугарија, Благоја Ханџиски верува дека овој меѓуграничен проект ќе придонесе за развивање на добри меѓусоседски односи и за искористување на парите од структурните проекти на ЕУ.

Се работи за проект кој што третира еден од најтешките проблеми со кои се соочуваат сите мали држави и сите мали народи. Знаете дека сите погранични региони се најсиромашни и најмалку населени. Немањето инфраструктура, индустриски капацитети, немањето работа придонесува младите да се раселат. Регионите ги изгубија младите кои се подготвени да го носат товарот на своите поколенија - изјави Ханџиски.

Тој смета дека проектот ќе го подигне економско - социјалниот стандард на двата погранични региони.

И неговиот колега амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Иван Великов Петков вели дека секогаш се расположени да учествуваат во заеднички проекти и да ги развиваат односите со нашата земја.

Проектот покажува дека тука во Македонија има луѓе кои имаат капацитет да разработат, да успеат и да реализираат проект кој чини 400.000 евра што во оваа криза се големи пари. Двете држави одат кон рамноправност да разменуваат искуства и заедно да одат по патот на евроинтеграциите - рече амбасадорот Великов Петков.

Во Општина Старо Нагоричане има 574 млади луѓе на возраст од 15 до 30 години и нив им требаат активности кои ќе ги анимираат да останат во селото.

Центрите за млади треба да бидат готови до јули следната година со финансиска поддршка на ИПА фондовите.