Мени

Стечајците го блокираа излезот на градот

23.05.2013 11:26 | KumanovoNews

 Стечајните работници од Куманово, денеска два часа го блокираа излезот кон Скопје во знак на револт што власта не е заинтересирана да го реши нивното прашање.

Стечајците го блокираа излезот на градот

Тие најавуваат дека по петти пат до Собранието ќе поднесат предлог - законот за нивно обештетување и апелираат до пратениците конечно да  им дадат поддршка.

Овие луѓе не можат да дојдат до никаква работа. Или ако најдат тоа е за ден - два, да чистат по куќи и по влезови на згради. Оваа категорија на работници има многу тежок период. И социјалците земаат по 1000 денари, а ние со години немаме никаков паричен надомест. Би го запрашала нашиот премиер, дали тој или било кој од Влада или од ресорни министерства може да живее со години без денар во џеб. По петти пат ќе поднесуваме предлог - закон по 10 јуни и ги повикувам пратениците конечно да проработи свеста, да сфатат дека ова е тешка голгота  - изјави Лилјана Георгиевска, претседател на УНИТ.

Стечајците велат дека се во очајна состојба, и затоа најавуваат масовен протест во Скопје.

 Мене не ме интересираат партии, ме интересира овој народ овдека. Не само јас, туку сите да живееме. Ги повикувам и ги молам да не ценат нас, што сме ние, дали сме луѓе? - вели Драги Трајковски, стечаен работник.

Стечајците 11 години ги бараат своите права загарантирани со Устав. Тие од Владата очекуваат да обештети над 7000 стечајни работници од Македонија.