Стечајците повторно протестираа пред штабот на ВМРО - ДПМНЕ
Стечајците денеска повторно протестираа пред штабот на ВМРО - ДПМНЕ во комитет со цел да го изразат револтот бидејќи власта сака да обештети само мал дел од нив.
Тие наидоа на затворени врати и се заканија дека во понеделник пак ќе организираат протест пред домот на пратеникот Јордан Пачков, а до крајот на идната недела планираат да постават шатори пред Собрание. Додека траеше протестот на еден од стечајците му се слоши по што беше повикана Брза помош.
Денеска на еден, вчера на двајца им се слоши откако премиерот излезе по медиуми да каже за новиот Закон за стечајци. Имаме со мозочни, срцеви удари, покачен притисок. Јас реков и пак ќе речам дека најголем виновник за ова што се случува меѓу стечајните работници е Никола Груевски. Ние постоиме и не може нас никој да не негира. Не може фирмите да ни се продаваат, а ние да не сме обештетни. Кога бараат луѓето прием кај Пачков, тој велел да ме тргнат мене па тогаш ќе биде отворен дијалогот со нив. Ако е Лилјана Георгиевска пречка, нека се обештети оваа категорија граѓани јас ќе се тргнам - изјави Лилјана Георгиевска, претседател на УНИТ.
Таа ги обвини политичарите дека манипулираат со стечајните работници кои по 20 или 30 години работен стаж останале без работа.
По протестот Георгиевска побара да присустува на седница на Советот на Општина Куманово, и тоа и беше дозволено од претседателот на Советот, Максим Димитреивски.