Странци волонтираат во градот
Над 15 странски волонтери престојувале во Куманово во изминатите години и реализирале повеќе проекти преку невладината организација “Центар за меѓукултурен дијалог“.
Во моментот во ЦИД има пет две девојки од Германија, и три од Полска, Португалија и Словачка. Волонтерите преку нивната работа ја промовираат организацијата, оддржуваат работилници и работат во младинското радио. Помагајќи и на организацијата индиректно придонесуваат и за развој на општеството.
- Тие работат на развивање на мисијата и визијата на организацијата. Кога се одбележуваше денот против насилство, денот против фашизмот, тие организираа настани. Секој волонтер си има свои обврски. Обично доаѓаат за период од 9, 10, 12 месеци, зависи од проектот. Волонтерите кои сега се тука се дојдени пред два месеци и сеуште ги држи ентузијазмот. Го запознаваат општеството, начинот на живот, луѓето - вели Викторија Маневска,координатор на ИВС програма за волонтери во ЦИД.
Таа објаснува дека ЦИД соработува со пет организации со кои во рамки на заедничките проекти можат да разменуваат волонтери.
- Луѓето овде се пријателски настроени, друштвени и одговараат на сите наши прашања. Во Белгија луѓето се позатворени. Овде ни се допаѓа. Младите добро зборуваат англиски и сакаат да комуницираат со странци. Има различни малцинства, Албанци, Турци, Власи, Срби - напишале Бројн и Ине од Белгија.
Волонтерите даваат опис на она што го виделе, научиле во градот и споделуваат импресии. За нив ова е прекрасно искуство бидејќи се запознаваат со културата и традицијата на овдешниот народ.