Струмичани не сакаат да продаваат на терминалот на Агро-Куманово
Денеска беше спроведена уште една неуспешна акција за отстранување на дивите пазарџии на овошје и зеленчук од паркингот на спортската сала во Куманово. Со асистенција на полицијата, утринава пазарџиите биле префрлени на некогашниот царински терминал на „Агро-Куманово„, но тие одбиле да останат таму со образложение дека нема услови за нормално работење.
Во договор со „Агро-Куманово„ најдовме решение, пазарџиите да ги сместиме на терминалот додека да се уреди кванташкиот пазар во Долно Којнаре. Таму има санитарни јазли, осветлување, паркинг, ваги, обезбедување и се друго што е потребно за пазар на големо. Но тие не сакале да останат таму затоа што било на периферија на градот и немале на кого да продаваат и повторно се вратија кај спортската сала. Ние нема да отстапиме од нашата одлука и ќе ја продолжиме акцијата и утре. Нема да им дозволиме по никоја цена повторно да ги запоседнат тотоарите- вели Вера Лазаревска началник на одделението за инспекциски работи.
Пазарџиите од Струмица бараат средба со градоначалникот за да им го реши проблемот и најавуваат дека нема да го прифатат понуденото решение.