Студенти и волонтери можат да аплицираат за Еразмус
Од средината на март до октомври студенти, наставници, волонтери, младински работници можат да аплицираат за добивање на средства од програмата Еразмус плус 2014 - 2020.
Заинтересираните можат да аплицираат со конкретен проект или по области. Има проекти за мобилост на знаење, односно размена на ученици, студенти, волонтери во областа на образованието, обуката и младите. Вториот повик се однесува на соработка за иновации и размена на добри практики, додека третата област е за проекти за реформи на политиките во областа на образованието, обуката, спортот и младите.
Оваа програма е нова и претходно се викаше поинаку. Последниве 7 години доста работевме преку програмата “Млади во акција“. Направивме младински размени, обуки и испративме во странство околу 300 луѓе од Куманово и Македонија. Уште е рано, но планираме да аплицираме бидејќи се нудат многу можности - вели Ивана Давидовска од ЦИД.
Со одредени проекти може да се аплицира во Брисел, односно во Европската Комисија и можат да се извлечат дополнителни средства, покрај овие кои се определени за користење, наменети за Македонија.
Оваа година нашава земја од оваа европска програма ќе може да искористи 3,5 милиони евра што е двојно повеќе од лани.