Субвенционирано вработување на повеќе групи граѓани
До крајот на месецов активните баратели на работа и компаниите можат да аплицираат за субвенционирано вработување.
Субвенционирани ќе бидат невработените на возраст од 50 до 59 години, младите до 29 години, долгорочно невработените кои над 5 години се пријавуваат во Агенција за вработување, жртви на семејно насилство, деца без родители, бездомни лица, самохрани родители, Роми и жртви на трговија со луѓе.
Ќе има два начина на субвенционирање. Првиот начин е со бруто 13.000 денари за период од 6 месеци, по што работодавецот треба да ги задржи на работа уште 12 месеци. Позагрозените категории ќе бидат субвенционирани со 14.000 денари бруто износ за 6 месеци, плус по 3.000 денари за работодавачот. И нив ќе треба да ги задржат на работа уште една година. Се повикуваат работодавците да ги искористат мерките за вработување на ризичките групи - вели Милорад Тренчевски, директор на Центар за вработување Куманово.
Фирмите кои ќе аплицираат треба во последните 6 месеци да не отпуштале работници.
Оваа активна мерка за вработување е дел од оперативниот план на Владата за намалување на бројот на невработени.