Мени

Светиниколци и пробиштипјани најдобри на квизот за противпожарна заштита

30.11.2012 13:21 | KumanovoNews

 На 28-от регионален противпожарен натпревар кој се оддржа во Центарот за култура во градов, од пионерите најдобра беше екипата од Свети Николе, а од средношколците победи екипата од Пробиштип.

Светиниколци и пробиштипјани најдобри на квизот за противпожарна заштита

Овие две екипи одат на републички натпревар кој ќе се оддржи на 12 декември во Берово. Домаќините од Куманово се пласираа на второ место.

- Оваа година славиме 80 години од доброволното противпожарно организирање на територијата на Општина Куманово што беше свечено одбележано преку целата година. Со завршниот квиз кој се оддржува на ниво на регион сакаме да ја заокружиме прославата. Гледаме дека масовно земаа учество на општинските натпревари ученици од основните и средни училишта. Со тоа покажавме дека нашата култура во делот на противпожарната заштита е на доста високо ниво. Тоа е долгогодишна традиција на ова подрачје - рече Марјан Денковски, претседател на Противпожарен сојуз Куманово.

Тој додаде дека оваа година литературата која учениците ја користат за подготовки за натпреварот е осовремена. Претседателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, Никола Николов спомна дека над 30.000 ученици учествувале на вакви натпревари за 28 години колку што се оддржуваат квизовите.

- Секоја година на општинско, регионално и републичко ниво дефилираат по 3.000 ученици. Ако ги гледавте вестите, се случија немили настани, односно пожари и неколку домови се изгорени, а фамилиите останаа без своите куќи. Зборувам за штети, а човечки жртви нема. Тоа ја потенцира важноста на ова што го правиме денеска. Со нашето стекнато знаење и култура треба да го сведеме бројот на пожари на минимум - изјави Николов.

На натпреварот се обрати и градоначаникот Зоран Дамјановски кој ги поздрави натпреварувачите и нагласи дека аматерските здруженија со тек на време прераснале во професионални служби за заштита од пожари. Тој рече дека посебно во лето, граѓаните треба да знаат како да се заштитат доколку се појави огнена стихија.

На регионалниот натпревар учествуваа ученици од Куманово, Свети Николе, Пробиштип и Кратово.