Мени

Светот има ден на тоалет, а Куманово нема јавно веце

19.11.2013 16:47 | KumanovoNews

 Во светот денеска се одбележува Денот на тоалет, додека кумановци се чудат каде да мочаат ако ги стисне зорт додека се низ центарот на градот.

Светот има ден на тоалет, а Куманово нема јавно веце

Помладите влегуваат во тоалетите на кафулиња и кафеани, а повозрасните луѓе и оние од селата користат јавни површини, паркови, грмушки, влезови на стамбени згради и скриени места по улиците. Граѓаните се лути што со децении не се решава овој јавен проблем и ги оправдуваат луѓето кои се олеснуваат каде ќе стигнат.  

Ако ми се оди во тоалет, прекинувам шопинг и си одам дома. Срам ми е во кафуле да влезам само за да одам во веце, ама некои и така се снаоѓаат. Ако во близина живее некоја пријателка, може да одам до кај неа специјално за во веце и потоа да продолжам со купувањето. Во центар треба да има јавни вецеа, нема логика да бидат подалеку. Проблем е што нема, а кога би имало нема да им наоѓаме маана - вели Мирјана Ивановска.

Граѓаните се скромни во барањата за јавни тоалети. Велат нека бидат и монтажни, само да вршат работа, ако веќе нема модерни и чисти.

Куманово не е село, туку е урбана средина и според мене не би требало монтажни тоалети. Треба да биде средено,  да се изградат модерни тоалети. Би требало да се постават во центар, инаку побрзо ќе отиде човек дома отколку да се спушти до парк таму да врши нужда. Куманово пред 20 години имаше јавен тоалет во центарот и од кои причини е затворен не знам. Старите луѓе не излегуваат да шетаат бидејќи има различни болести, тие не можат да се воздржат, а тоалети нема - објаснува Ридван Јашари, граѓанин.

Од општината се правдаат дека со приватизацијата се продаени некогашните тоалети под НА-МА, и најавуваат изградба на јавни нужници во новата административна зграда спроти зградата на Комитет. Дотогаш на кумановци им останува да стискаат или набрзина да претрчаат на некое скришно место.

Со одбележување на Денот на тоалетот целта е да се подигне свеста дека сите луѓе во светот немаат нормални хигиенски услови.

Денот се празнува од 19 ноември 2002 година, во согласност со одлука донесена на Првата меѓународна конференција на Светската организација на тоалетите во Сингапур, што се одржа од 20 до 22 ноември 2001 година.Првиот тоалет бил од кинеско производство и бил сопственост на еден император. Истиот бил направен од злато и поврзан со водовод, така што водата без проблем одминувала во канализацијата. За прв пат јавни тоалети биле изградени во Антички Рим во првиот век. Римјаните се собирале во тоалетите по 30 - 40 лица, за да ги водат вообичаените разговори во тоа време.