Трет ден учениците протестираат против екстерно тестирање
Учениците од средните и основните училишта трет ден по ред протестираат против екстерното тестирање со барање тоа да се укине, бидејќи претставувало преголем стрес за нив.
Со тоа екстерно тестирање нема ништо да постигнат. Доколку сакаат да ја проверат работата на професорите, дали работат како што треба и дали пишуваат оценки реално има и друг начин тоа да го направат. Само ќе не измалтретираат, бидејќи не и исто да одговараме на пет лекции, на десет лекции и на цел материјал - изјави Наталија Златановска, ученичка во “Перо Наков“.
Основците се загрижени и сметаат дека наставниците ќе им ги намалат оценките само за да не бидат казнети од плата.
Некои од професорите ни се заканија дека ќе ни ги намалат оценките. Тие се загрижени поради својата плата. Сега сме осмо одделение, ни требаат поени, а тие не мислат на нас и ќе ни ги намалат оценките - велат ученички од ОУ “11 Октомври“.
Основците утре планираат да протестираат во Скопје пред Влада заедно со своите врсници од цела Македонија.