Мени

Три преставки за дискриминација од кумановските Роми

24.07.2013 12:44 | KumanovoNews

 Три преставки поднеле кумановските Роми до Комисијата за заштита од дискриминација во кои се жалат дека се дискриминирани во здравствените установи, во образованието и во одредени угостителски објекти.

Три преставки за дискриминација од кумановските Роми

 Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски вели дека се почесто се јавува и дискриминација поради сексуалната ориентација и тоа мора да се искорени.

Во едно мало село се случи момче од 15 години да им признае на родителите дека е хомосексуалец , и сега живее во плевна, изолирано иако е тоа човечко битие, нечие дете. За да зборуваме за демократија треба да почнеме да се менуваме себе си - рече Миновски.

Тој вели дека вработените во институциите се платени за да бидат професионалци, а не за да ги дискриминираат граѓаните.

Имаше една преставка каде што комисијата утврди дискриминација и вознемирување во однос на навредливи содржини во учебник. Ние од граѓаните добиваме информација дека има дискриминација во однос на пристапот до добра и услуги, меѓутоа тоа тешко се докажува. Се жалат на несоодветен третман од страна на здравствените работници, од шалтерските услови итн. Комисијата откако ќе ја утврди дискриминацијата дава мсилење да се отстрани повредата - вели Алмира Реџепи, од стручната служба на Комисијата за заштита од дискриминација.

Ашмет Елезовски од Националниот Ромски Центар вели дека во Општина Куманово, голем проблем претставува и вработувањето на Ромите, бидејќи младите се почесто завршуваат високо образование но седат без работа.

Често се зборува дека Ромите се пречка за нешто, меѓутоа реално тоа не е така. Некогаш треба луѓето од фотељите да се симнат, да бидат меѓу народот бидејќи сепак тој народ ги гласа. На таков начин ќе видат колку навистина е присутна дискриминацијата и да се најдат методи за решавање на овој проблем. Во Република Македонија мора да се почитува законот и само така ќе се остварат правата - изјави Елезовски.

Ако 5000 Роми излегле од државата што не е голема бројка за земја со 2 милиони жители, и не претставува закана за враќање на визите, додава тој.

Комисијата за заштита од дискриминација постои од 2011 година и оттогаш на ниво на Македонија се поднесени 19 преставки за дискриминациja.