Турски волонтери ќе држат курс по турски јазик
Тројца турски волонтери, гости на Центарот за меѓукултурен дијалог во наредните два месеци ќе држат бесплатен курс по турски јазик во Младинскиот центар “Мулти - Култи“ во просториите на месна заедница Тоде Мендол.
Курсот ќе биде за почетници, луѓе кои воопшто не го познаваат јазикот и ќе се почне со изучување на основните работи.
Ќе се учи азбуката, потоа ќе се продолжи со некои основни реченици и глаголи. Се ќе зависи од интересот на групата. Часовите ќе се одржуваат два пати неделно и се отворени за сите заинтересирани од 7 до 77 години. Волонтерите ќе зборуваат на англиски јазик, меѓутоа ќе биде обезбеден дополнителен превод на македонски и на албански јазик за оние кои не разбираат англиски јазик за да ги следат часовите - вели Катерина Ѓорѓиевска, координатор на волонтери во ЦИД.
Сите заинтересирани можат да дојдат во петок во 17.30 часот во “Мулти - Култи“ каде ќе се одржи средба за запознавање со волонтерите и ќе се утврдат термините кога ќе се одржуваат часовите.
По завршување на курсот учесниците ќе добијат сертификати.