Мени

Ученици од “Наце Буѓони“ мереа притисок и шеќер во крвта

08.10.2013 09:24 | KumanovoNews

 Учениците од медицинските струки во средното училиште “Наце Буѓони“ денеска на Градскиот плоштад направија бесплатна акција за мерење на притисок и шеќер во крвта.

Ученици од “Наце Буѓони“ мереа притисок и шеќер во крвта

Акцијата учениците ја организираат по повод Светската недела на движењето.

Имаме штанд на кој се мери крвен притисок и гликемија. Учениците се вклучени во физичко - рекреативни вежби. Потоа ќе тргнеме кон Градскиот кеј со порака населението повеќе да се движи. Движењето е составен дел на здравјето - вели Ленче Ѓоршевска Ангеловиќ, професор по практична настава.

Голем број граѓани чекаа во ред за да им се измери притисок и шеќер во крвта.

 Поголем е бројот на постарите граѓани кои доаѓаат да мерат притисок и шеќер. Ние сме тука да им помогнеме и да покажеме колку е добра оваа хумана акција за старите луѓе во овој град. Нормалниот шеќер е од 4,4 до 6,6  и нормалниот крвен  притисок е 135 со 85 - рече Ангела Стојановска, ученик во четврта година во “Наце Буѓони“.

Учениците велат дека повеќето прегледани граѓани имале нормален притисок и шеќер во крвта.