Учениците од Лопате ќе го прекинат бојкотот?
Учениците Македонци од ОУ „Битолски конгрес„, во селото Лопате од утре ќе се вратат во училиште, откако директорот и родителите, денеска се договориле да се преземат сите неопходни мерки за да се подобри безбедносната состојба во училиштето, и да не се повтори инцидентот од пред два дена, кога беа истепани ученици Македонци.
Просветните инспектори, полицијата и наставничкиот колегиум донеле заклучоци со кои се налага да се смират тензиите и во училиштето и да се организираат постојани дежурства од наставници за време на одморите, а ако во најускоро време не се подобри состојбата да се ангажира приватно обезбедување на потребите на училиштето.
Учениците кои посетуваат настава на македонски јазик учат во издвоени училници од учениците Албанци по договор со родителите, бидејќи и минатите години имало проблеми со нетрпеливост, провоцирање и физичка пресметака меѓу децата. Како што кажуваат родителите на тепаните деца, тие со страв одат на училиште, бидејќи побројните ученици со нив носеле палки, стапови, па дури и ножеви со кои ги заплашувале.
Селото Лопате е на самата граница помеѓу општините Куманово и Липково, со побројно албанско население. Во училиштето настава посетуваат педесетина ученици на македонски јазик и 400 ученици на албански јазик.